Здравство

Се шири големата кашлица, најголем број заболени се деца на возраст до четири години

09.03.2024 12:31

Заклучно со 7-ми март, во државава се регистрирани вкупно 173 случаи на голема кашлица...

За една недела пријавени 50 нови случаи на голема кашлица, најмногу во Скопје – 43, во Тетово три и по еден во Кочани, Кавадарци, Куманово и во Битола. Хоспитализирани се 5 деца, 4 се под една година. Заклучно со 7-ми март, во државава се регистрирани вкупно 173 случаи на голема кашлица.

Најголем број заболени се деца на возраст до четири години. Нешто повеќе од половина од заразените не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација.

Според извештајот на Институтот за јавно здравје 33 лица се хоспитализирани, од кои дури 28 се деца на возраст до четири години. Од понеделник, невакцинирани или нецелосно имунизирани деца против голема кашлица нема да се примаат во скопските градинки. Државниот санитарен и здравствен инспекторат ја доби одлуката од Министерството за здравство да врши засилен инспекциски надзор во предучилишните установи. Конкретни мерки ќе се преземат еден месец по прогласување епидемија во главниот град и препораките на Комисијата за заштита од заразни болести.