Опстанокот на охридската пастрмка доведен во прашање
Со години наназад езерската полиција запленува огромни количини на риболовен алат, но и покрај тоа рибокрадците продолжуваат да го уништуваат рибниот фонд на охридската пастрмка. Очигледно е дека се работи за профитабилен нелегален бизнис кој единствено може да се спречи со поголема физичка заштита на езерото, поригорозни казни и заедничко делување на надлежните органи од македонска и албанска страна …

Со децении наназад рибокрадците го уништуваат рибниот фонд на пастрмката. Тоа го потврдуваат и официјалните податоци кои говорат дека од 2011-та до септември минатата година езерската полиција запленила 4.880 мрежи со вкупна должина од над 355 километри. Тоа придонесе да се намали рибниот фонд на пастрмката и белвицата кои се единствени предатори во Охридското езеро, а во истовреме да се зголеми бројот на плашицата која исто како и тие се храни со планктони.
„Резултатите од истражувањата покажуваат дека постои промена во доминантната исхрана на пастрмката и на белвицата. Она што порано беше нивна главна храна со планктонот сега не е така. Сега пастрмката и белвицата повеќе се хранат со фауна на дно што е резултат на промена на исхраната. Има и промена на самиот квалитет и вкус на месото на рибата“, изјави Душица Илиќ Боева од Хидробиолошки завод Охрид.
За надминување на сегашната состојба се потребни ригорозни контроли, но и заедничко делување на надлежните македонски и албански органи.
„За подобрување на состојбата со рибниот фонд во Охридското езеро чекор напред е и формираниот заеднички Комитет за рибарство помеѓу двете земји, Република Албанија и нашата земја. А со давање на предлог мерки од двете страни и нивно имплементирање како за едно водено тело резултатот се очекува да има подобрување во состојбата со рибниот фонд“, додава Душица Илиќ Боева од Хидробиолошки завод Охрид.
Веќе е изготвен нов Закон за рибарство и аквакултура којшто е усвоен од македонската влада и е во собраниска процедура. Тој треба што поскоро да биде донесен, бидејќи состојбата со пастрмката е алармантна.
Сашо Нелоски
