Контрола на ценовната политика, се слуша ли пулсот на бизнисот?

09.03.2024 17:15

Цените во маркетите растат, инфлацијата проблем за стандардот на граѓаните. Бизнисот апелира за поголема контрола на ценовната политика и фер трговски практики. Година на стабилизација очекуваат економистите …

Глобалното зауздување на инфлацијата ќе се отслика и во земјава, само ако државата умешно ги води фискалните и монетарните политики, смета стопанството. Според Сојузот на стопански комори, трендот на закрепнување ќе биде тежок, оти како ризици на домашен план се двојните избори, но и меѓународно, несмирените воени тензии на Блискиот Исток.

Економистите велат дека 2024 е година на стабилизација, но мора да сме многу внимателни, оти ни претстојат многу ризици. Според Конфедерацијата на работодавачи, инфлацијата и натаму ќе биде проблем, а за таа да се надмине, мора работниците да бидат попродуктивни.

Во меѓувреме, месото, млечните производи, овошјето и зеленчукот, пијалаците, но и луксузната храна се најдоа на листата продукти кои ќе се продаваат со маржа до 10%, но тоа за граѓаните не значи ништо, оти како што велат, цените заминале до небо.

Бранот поскапувања следи откако заврши мерката „гарантирана цена“, а дел до производите добија нови, повисоки цени. Листата со над 2.500 производи Министерството за економија ќе ја достави до Коморите и до Организацијата на потрошувачи.

Инфлацијата за февруари изнесува 3% во однос на истиот месец лани, но граѓаните се жалат дека таа и натаму им прави проблем.

Во меѓувреме, има пораст на цените на мало за 2,7%. За само една година најголемо поскапување има кај овошјето и зеленчукот, и тоа од околу 20%.

Иако најави, вицепремиерот за економски прашања Битиќи за викендов се пишмани дека ќе излезе во контрола.

 

Борис Грујоски