Одбрана

Не се исклучува можноста за лекување на украински војници во македонските болници

09.03.2024 17:32

Министерката за одбрана Славјанка Петровска не ја исклучува можноста за лекување на украински војници во македонските болници.Вели за тоа сè уште не е разговарано во Владата,но доколку има потреба Министерството за одбрана ќе даде целосна поддршка на иницијативата...

Министерката за одбрана не ја исклучува можноста, согласно направените проценки и во соработка со Министерството за здравство, расположливите капацитети да се користат за лекување повредени украински војници. Петровска вели дека во оваа иницијатива ќе бидат вклучени повеќе институции, а во Министерството за одбрана постои подготвеност позитивно да се одговори на барањата на Киев. Коментирајќи ја последната изјава на францускиот претседател Макрон, Петровска потсети дека Македонија ја поддржува Украина и нејзината борба, но беше категорична оти нема испраќање војници на украинска почва.

Идејата е прифатлива и за претседателот Пендаровски и за неа тој со Зеленски разговарал на самитот Украина-Западен Балкан кој пред 10-на дена се одржа во Тирана. Потребна е конкретна разработка на деталите што ќе биде во надлежност на владите од земјите кои ќе изразат согласност да земат учество во оваа програма, посочија од претседателскиот кабинетот. За оваа идеја и самиот Зеленски објави на социјалните мрежи по средбата што ја имаше со Пендаровски во Албанија.

Владата сè уште не расправала за ваквата опција, но од таму појаснуваат дека ќе биде потребна дополнителна разработка на деталите па сè уште не се знае каде надлежните планираат да ги лечат украинските војници и со кои доктори, имајќи предвид дека половина болници во Скопје, но и во внатрешноста на земјава немаат доктори по одредени специјалности. Засега од земјите во регионот единствено Хрватска во своите болници лекува ранети украински војници.

 

Милчо Велески