ИЗРАЕЛ-ХАМАС

Згасна оптимизмот за примирје пред Рамазан

09.03.2024 16:48

Израел и хамас се далеку од договор за прекин на огнот пред Рамазан. Расте загриженоста за можно насилство во Ерусалим. Хуманитарната криза се продлабочува …

Оптимизмот на американскиот претседател Бајден за нов договор за примирје во Газа пред почетокот на Рамазан згасна. Загриженоста за можно насилство за време на празникот расте.

„Изгледа тешко. Секако дека сум загрижен“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

Хамас повикува на мобилизирање кон планината на храмот, Израел бара ограничување заради избегнување инциденти.

„Ова не е нормално. Тие зборуваа за олеснување на работите, но тоа не е вистина. Ги зголемуваат ограничувањата“, изјави Ехаб Тахбуб, жител на источен Ерусалим.

Додека празникот дополнително ги разгорува тензиите, хуманитарната криза во енклавата се продлабочува. Помош се доставува од воздух. За прв пат се отвора и поморски коридор преку Кипар. Со брод под шпанско знаме потребната храна ќе биде пренесена во северниот дел на Газа.

„Не можеме да го дефинираме времето на поаѓање, но има индикации дека пред крајот на викендот бродот ќе заплови ако се обезбедат сите услови за безбедно поаѓање, за рутата и чамецот што стигнува до својата дестинација“, изјави Мариос Харциотис, министер за правда и јавен ред на Кипар.

Изградба на пловечко пристаниште до брегот на Газа планираат и САД. Шведска пак, објави дека го продолжува финансирањето на Унрва, откако организацијата и дала гаранции за построги контроли. Борбите во Газа, но и пресметките на израелско-либанската граница го вклучија алармот кај мировниците.

„Ризикот за нашите мировници никогаш не бил толку голем. Потребна е итна деескалација и прекин на непријателствата преку сината линија“, изјави Жан-Пјер Лакроа, шеф на мировните сили на ОН.

Продолжија воените дејствија и во Црвено Море. Американската морнарица собори 15 беспилотни летала во голем напад на Хутите.

„Извршивме две квалитативни операции. Првата го таргетираше американскиот брод во Аденскиот залив со голем број поморски ракети. Втората се однесува на голем број американски разурнувачи. Со 37 беспилотни летала, двете операции успешно ги постигнаа своите цели, изјави Јахја Сари, воен портпарол на Хутите.

И француската одбрана соопшти дека собориле 4 дрона што директно придонело за заштита на товарниот брод „Тру конфиденс“ што беше нападнат во средата при што загинаа тројца членови на екипажот, а четворица беа повредени.

 

Бојана Крстевски