Блиски Исток

Нема прекин на огнот за Рамазан

10.03.2024 12:07

Надежите во Газа за прекин на огнот спроти Рамазан се намалуваат. Тел Авив ги одобри плановите за продолжување на војната. Бајден предупредува-Нетанјаху греши, прави повеќе штета отколку корист на Израел. Хуманитарната криза се продлабочува. Американскиот воен брод исплови кон Блискиот Исток со опрема за изградба на привременото пристаниште во близина на брегот на Газа …

Надежите за прекин на огнот спроти Рамазан се намалуваат, стравувањата од ескалација на насилствата растат. Тел Авив соопшти дека ги одобрил плановите за продолжување на војната во енклавата, додека хуманитарната криза се продлабочува.

„Непосредно пред Рамазан, Хамас спречува договор и дејствува спротивно на тоа што беше предложено од посредниците. Се занимаваат само со една работа – нивниот опстанок и условите што ги прифаќаат. Според разузнавачките служби, Хамас складира опрема и храна за својот народ во време кога населението во Газа има потешкотии да ги набави“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Американскиот претседател Бајден предупредува-офанзивата во Рафах е црвена линија и не може да има уште 30 илјади жртви. Нетанјаху греши со пристапот кон војната-додава Бајден (во интервју за „Ем-Си-Ен-Би Си“).

„Нетанјаху има право да го брани Израел, да продолжи да го прогонува Хамас, но мора да посвети повеќе внимание на невините животи кои се изгубени како резултат на преземените дејствија. Според мене, тој му прави повеќе штета отколку корист на Израел, тоа е спротивно од тоа за што се залага Израел и мислам дека тоа е голема грешка“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

Во Појасот експлозиите одекнуваат. Бомбардиран јужниот пограничен град. Цивилите изморени од раселувања.

„Тоа е трет пат да бегам од моето засолниште, по два слични настана во Кан Јунис“, изјави раселен жител.

Во истовреме, американскиот воен брод исплови кон Блискиот Исток со опрема за изградба на привременото пристаниште во близина на брегот на Газа што ќе помогне храната побрзо да стигне до цивилите. Во меѓувреме, доставата се врши од воздух.

 

Бојана Крстевски