Дијаспора

Гласањето за иселениците невозможна мисија

10.03.2024 13:06

Измените во Изборниот законик можеби го решија до некаде проблемот со личните документи дома, но не и за македонската дијаспора. Не е проблем само тоа што останаа без нови патни исправи за да излезат од местото на живеење, туку дел од нив за да можат да гласаат треба да одат во трета земја, а за тоа им е потребен документ со кој ќе можат да патуваат. А истото ги чини многу...

Македонците во Малта мора да одат дури до Рим за да го остварат правото на глас. Да земат слободен ден од работа, да патуваат цел ден и билетите за во двата правци да си ги платат од сопствениот џеб. И покрај најавите, на Малта нема ниту едно избирачко место каде што нашинците ќе можат да гласаат. Новинарот Игор Филевски Филе, кој повеќе од 15 години живее и работи во оваа држава, вели дека правото на глас за над 4.000 Македонци чини над 500 евра и е невозможна мисија.

Во Малта засега нормално тече замената на пасошите со новото уставно име. Филевски посочува дека Македонците имаат одлична комуникација со амбасадата во Рим, чии претставници често доаѓаат на островот.

Од Обединетата македонската дијаспора пак, посочуваат дека голем дел од Македонците кои живеат во странство не можат да се регистрираат за да гласаат на двојните избори, поради тоа што немаат патни исправи со новото уставно име. Се надеваат дека ќе се пролонгира рокот на важноста на пасошите, бидејќи иселениците не можат да се вратат во својата татковина.

За гласањето на претстојните избори македонските државјани во странство треба да се пријават најдоцна до 18-ти март.

 

Викторија Милевска