Македонија

Расте бројот на случаи со семејно насилство

10.03.2024 16:06

Едукација која ќе помогне да се препознае насилството, кампањи и поддршка за жртвите. Бројките на пријавени случаи на семејно насилство растат. Алармантно е тоа што голем е бројот на жртви кои се враќаат назад, каде се чувствуваат несигурно. Во првите три квартали од минатата година, податоците на МВР покажуваат голема разлика во бројките на пријавени случаи. Информациите покажуваат дека најчести жртви се сопругите на сторителот …

Ни ја отвори својата душа Теа. Ни раскажа дека останувала крај него оти сакала да верува дека ќе се подобри кога ќе им се роди детето. Но, станувало се полошо.

Поддршката изостанала и од мајката на сопругот, како жена ништо не презела дури и кога лично и се пожалила.

Се вратила во татковата куќа каде добила целосна поддршка, но немирот продолжил. Наместо тој, таа добила кривични пријави и една година одела по судови, затоа што не го носела пред „Ист гејт“ детето на средби со таткото.

Сега после долго време откако тимот од социјално бил сменет поради неправилности ќеркичката ќе ја носи на гледање со таткото во центарот. А невидливиот врисок е претворен во аларм откако јавно објавените фотографии станале валидни и за институциите.

Оваа приказна е само една од многуте во „Горка кнедла“ – како четиво за нечујниот лелек на стотици жени, кои за жал се тука до нас. Можеби е нашата ќерка, сестра, мајка, роднина, сосетка или некоја незнајна, сеедно. Поради традицијата, предсрасудите, семејството, но најболно поради глувите и слепи институции кои постојат за да ги заштитат, вели авторката Ѓоргиевска Парго.

Добро е, вели што помладите генерации го препознаваат насилството и се многу похрабри да преземаат мерки за негово запирање, и тоа треба да биде постојано.

 

Фиљана Кока