АРМ доби благодарница од Српската влада за несебичната помош за време на поплавите

16.06.2014 12:21

Амбасадорката и одбранбеното аташе искрено се заблагодариле за несебичната и експедитивна помош во персонал, техника и средства...

Армијата на Република Македонија (АРМ) доби благодарница од Владата на Србија за помошта што Армијата ја даде при справување со поплавите што ја зафатија земјата. Благодарницата денеска ја врачија амбасадорката на Србија во земјава Душанка Дивјак-Томиќ и одбранбеното аташе на Република Србија акредитиран во Република Македонија, потполковникот Жељко Симиќ на средба на началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески.

Амбасадорката и одбранбеното аташе искрено се заблагодариле за несебичната и експедитивна помош во персонал, техника и средства која Армијата на Република Македонија ја даде при справување со поплавите кои ја зафатија Република Србија во текот на минатиот месец.

Ова признание е потврда за претходно искажаната благодарност на началникот на генералштабот на Војската на Србија Љубиша Диковиќ, кон началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, за професионалноста на припадниците на Армијата на Република Македонија кои беа ангажирани во едно од најпогодените места за време на поплавите, градот Обреновац, соопштуваат од АРМ.