Се намалува одзивот на гласачи
Следува вистинска битка за политичките партии во следниот период. Покрај кампањите, тие до 24-ти април, кога е закажан првиот круг за претседателските избори, ќе треба да ги натераат граѓаните да излезат на гласање. Иако малку се намали притисокот со личните документи сега ќе биде предизвик да се достигне потребниот цензус од 40 насто. Според податоците на ДИК годините наназад покажуваат дека за претседателските избори има тенденција на намалување на излезноста. Слични се процентите и за парламентарните избори. Во 2011-та одзивот бил 63.48, а во 2020 година 50,86 насто …

Кога се работи за претседателски избори низ годините забележан е тренд на намалување на интересот кај граѓаните да учествуваат во изборниот процес.
„На првите претседателски избори, кои се одржаа во 1994 година, гласале 77,44% од гласачите, на изборите во 2014 и 2019 година гласаа околу триесет проценти помалку, односно 48,86% во 2014 и 46,65% во 2019 од вкупниот број запишани гласачи“.
Очигледно е дека цензус е една од најпроблематичните теми. Подобра слика немаме ниту кај парламентарните избори. Статистички гледано во првата декада од независноста на државата одзивот на гласачите е поголем. Додека пак на последните избори цензусот го достигна својот минимум.
„Во 1990 година своето уставно право го оствариле 76,8% од гласачите запишани во избирачкиот список. Следните избори тој број паѓа на минус 20 отсто. За во 1998 повторно се врати на 69,4%. На парламентарните избори во 2011 год. се одзвале 63.48%, а додека пак на последните само 50, 86% од граѓаните запишани во избирачкиот список“.
Според анкетите на Институтот за политички истражувања емитувани во емисијата „Објектив“ на МРТВ расположението на граѓаните за гласање ќе се интензивира, во една или пак друга насока, како се наближува денот на изборите.
Незадоволството од политичките елити, масовното иселување како и проблемот со вадењето на личните документи ќе влијае на излезноста на изборите.
На 8-ми мај граѓаните ќе гласаат на двојни избори, втор круг претседателски, и прв круг парламентарни, доколку во првиот некој од кандидатите не освои мнозинство од 50% плус 1, и парламентарни избори.
Марина Стојанова Тонева
