Куманово

Мицкоски за образование, Ковачевски за инфраструктура

10.03.2024 17:42

Лидерите на двете најголеми партии со различни активности. Мицкоски на трибина во Куманово, Ковачевски на завршен настан за изградбата на браната Конско. За Мицкоски неопходни се реформи во образованието, мотивирани наставници. Ковачевски пак вели требаат проекти за земјоделството, подобра инфраструктура …

Образованието не дава одговор на потребите на пазарот и сегашноста. Институциите генерираат квантитет, а неквалитет и затоа се неопходни реформи, реорганизација на ресори, истакна на партиска дебата во Куманово лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. Според него претшколската едукација, градинките треба да се вратат во Министерството за образование и наука. Министерството за труд и социјална политика пак треба да се занимава со демографија и млади. Неопходна е и мотивација на универзитетски професори и научни работници, кои ќе пишуваат трудови и ќе добијат дополнителни 50 отсто плата. Но безуспешно е сè, доколку учениците навреме не ги добијат учебниците.

„Што правиме со овие високо образовни институции кои не генерираат квалитет а генерираат квалитет. Дали нас ни се потребни во определена фела илјадници луѓе како квалитет а во друга десетици и дали овие илјадници навистина пазарот на труд има потреба од нив или нема а од овие десетици има потреба. Треба да се зајакне политиката во високото образование“, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Лидерот на СДСМ, Ковачевски пак од завршниот настан за изградбата на браната Конско, која рече е најголем капитален проект во последните 50 години посочи дека мора да се вложува во земјоделството. Ставен е крај на шестдеценискиот предизвик, и ќе има доволно вода за наводнување и развој на земјоделството. Очекува браната да го развие туризмот, но и да привлече инвеститори.

„Се овозможува наводнување на нови 4.000 нето хектари на земјоделски површини. Со тоа се намалуваат трошоците за производство а се зголемува производството и поголема конкурентноста ќе имаме на повеќе производи, тие ќе бидат поевтини и ќе бидат поконкурентни на регионални пазари и ќе имаме побогати и посреќни земјоделци“, нагласи лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Според Ковачевски земјоделството е основата на македонската економија за зголемено производство на храна и извоз на производите. Резултати може да има само со развиеното земјоделство според европски стандарди, со субвенции кои носат профит и егзистенција на земјоделците.

 

Елена Георгиевска