ИЗРАЕЛ-ХАМАС

Светот ги впери очите во Ерусалим спроти Рамазан

10.03.2024 19:35

Светот во исчекување. На Рамазан-очите вперени кон Ерусалим. Празничната атмосфера тензична среде смртоносната војна во Газа. Тел Авив ги одобри плановите за продолжување на војната. Бајден предупредува-Нетанјаху греши, прави повеќе штета отколку корист на Израел. Хуманитарната криза се продлабочува. Помошта пристига...

Очите на јавноста спроти Рамазан, вперени кон Ерусалим. Тензична празнична атмосфера среде смртоносната војна во Газа. Надежта за примирје гасне. Израел ги одобри плановите за продолжување на офанзивата.

„Непосредно пред Рамазан, Хамас спречува договор и дејствува спротивно на тоа што беше предложено од посредниците. Се занимаваат само со една работа – нивниот опстанок и условите што ги прифаќаат“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Американскиот претседател предупреди-офанзивата во Рафах е црвена линија и не смее да има уште 30 илјади жртви. Нетанјаху греши со пристапот кон војната-додава Бајден.

Нетанјаху има право да го брани Израел, да продолжи да го прогонува Хамас, но мора да посвети повеќе внимание на невините животи кои се изгубени како резултат на преземените дејствија. Според мене, тој му прави повеќе штета отколку корист на Израел, тоа е спротивно од тоа за што се залага Израел и мислам дека тоа е голема грешка“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

Притисокот врз Нетанјаху расте и од револтираните цивили во Тел Авив. Илјадници демонстранти побараа негова оставка и враќање на заложниците пред да се судрат со полицијата.

„Единствената победа е да се запре војната, да се спасат животите на уште 30 илјади невини жители на газа и повеќе од 100 заложници. Се надевам дека Бајден е доволно храбар и има резолуција да ја спушти ногата и да му каже на нашиот отровен премиер да оди во пеколот“, изјави Јаир Кац, демонстрант.

Експлозиите во појасот продолжија. Цивилите изморени од раселувања.

„Тоа е трет пат да бегам од моето засолниште, по два слични настана во Кан Јунис“, изјави раселен цивил.

Додека хуманитарната криза се влошува, американскиот воен брод со опрема за изградба на привременото пристаниште во газа исплови кон Блискиот Исток. Ќе помогне храната побрзо да стигне до цивилите. Пакети помош пристигаат и од пристаништето од Кипар. Во меѓувреме, доставата се врши од воздух. Во истовреме Хезболах од Либан ги продолжи ракетирањата врз Израел. Истрелани над 30 ракети.

 

Бојана Крстевски