Филхармонија

„Поврзување“ - концерт на Македонска филхармонија

11.03.2024 09:13

„Поврзување“ е насловен концертот на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи овој четврток, 14 март во 20 часот ...

„Поврзување“ е насловен концертот на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи овој четврток, 14 март во 20 часот. На програмата ќе бидат изведени, Интермецо од познатата опера на Џакомо Пучини, „Манон Леско“ (1892), Концертот за гитара и оркестар „Аранхуез“, најпознатото дело на шпанскиот композитор Хоакин Родриго (1901 – 1999) и Симфонија бр. 4, оп. 90, во А-дур, „Италијанска“ од германскиот композитор, пијанист и диригент Феликс Менделсон.

Диригент е маестра Бисера Чадловска, а како солист ќе настапи еден од најбараните гитаристи Рафаел Агире (Шпанија) на гитара.

Диригентката Бисера Чадловска (1978, Скопје), дипломира во 2001 година на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на отсекот по оркестарско диригирање, во класата на проф. Фимчо Муратовски. Постдипломските студии по симфониско и оперско диригирање ги завршува на Државната музичка академија во Софија. По завршувањето на студиите почнува да работи како хор-мајстор во Македонската опера и балет.

Рафаел Агире денес е еден од најбараните гитаристи, кој има освоено 13 први награди на значајни натпревари и настапувано во над 40 земји како солист. Минатата сезона реализираше турнеја во САД, меѓу другото и во „Карнеги хол“ во Њујорк, но дебитираше и во Кина, а настапи и со Прашката филхармонија, со Филхармонијата на Монте Карло, Националниот оркестар на Шпанија, премиерно изведувајќи го Концертот за гитара од познатиот современ композитор Јоан Валент.