Воени авиони на Египет и Јордан повторно доставија хуманитарна помош за Газа
Продолжува испораката на храна и медицински средства во Појасот Газа од воздух. Израел направи увид на морскиот коридор кон енклавата, но бродот што требаше да тргне од Кипар и натаму стои закотвен во пристанишниот град Ларнака. Во Каиро нова рунда разговори за прекин на огнот…

Воени авиони на Египет и Јордан продолжија да доставуваат хуманитарна помош над северниот дел на Појасот Газа. Операцијата е во исто време со иницијативата на Египет и на Обединети Арапски Емирати за воспоставување на воздушен коридор за снабдување на населението со храна и лекови. Министерот за одбрана на Израел направи увид на планираниот морски коридор до енклавата преку кој се планира достава на храна и медицински средства.
„Ќе ја донесеме помошта преку поморска рута што е координирана со САД, со помош на Емиратите и ќе ја доставиме до цивилната страна. Ќе доставиме помош до меѓународни организации“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.
Во Каиро се одржува нова рунда разговори за прекин на огнот во кои учествуваат Египет, Катар и САД. Од Хамас го обвинија Израел за неуспехот да се постигне примирје пред муслиманскиот свет месец Рамазан.
„Досега непријателот избегнуваше да даде јасни гаранции и обврски, особено во однос на прекинот на огнот, што значи прекин на агресивната војна во Појасот Газа. Тоа значи дека тие сакаат да ги вратат затворениците и да ја обноват војната на нашиот народ и на нашата територија“, изјави Исмаил Ханије, политички лидер на Хамас.
Во Тел Авив и во светот продолжуваат протестите за ставање крај на војната. Демонстранти ја затворија и главната сообраќајна артерија во Холивуд, на околу 1,6 километри од Долби театарот каде што се одржуваа оскарите.
„Тука сме затоа што сакаме да ја повикаме администрацијата на САД да изврши што е можно поголем притисок врз сите инволвирани страни во оваа луда ситуација која трае со векови, повеќе од 150 дена. Важно е да се изврши што поголем притисок за да се постигне договор“, изјави внук на заложник.
Израел му објави војна на Хамас на 7-ми октомври, откако милитантната група ликвидираше околу 1.200 цивили, и зеде 250 заложници. Воздушната и копнената офанзива во Појасот Газа расели околу 80% од населението од 2,3 милиони.
Маријана Димовска
