Доделени „Оскарите“, седум статуетки за „Опенхајмер“
Американската Академија за филмски уметности и науки ги додели „Оскарите“ на свеченоста што се одржа во „Долби театарот“ во Лос Анџелес. Филмот „Опенхајмер“ триумфираше со седум освоени одличија, од вкупно 13 номинации…

„Опенхајмер“ е апсолутен победник на 96. гламурозно доделување на наградите „Оскар“. Од 13 номинации, филмот за креаторот на атомската бомба доби седум меѓу кои за најдобар филм, за најдобра режија Кристофер Нолан, за најдобра главна машка улога Килијан Марфи, за најдобра споредна машка улога Роберт Дауни Џуниор.
„И благодарам на мојата сопруга, неверојатната Ема Томас, продуцент на сите наши филмови и сите наши деца, мојата екипа. Благодарам на оние кои веруваа во мене во текот на целата моја кариера“, рече Кристофер Нолан, добитник на Оскар за најдобра режија.
„Сонував за овој момент толку долго. Се чинеше толку малку веројатно дека некогаш ќе се случи“, рече Ема Томас, добитник на Оскар за најдобар филм.
Килијан Марфи, кој го играше физичарот Роберт Опенхајмер, од театарот Долби наградата им ја посвети на сите миротворци.
„Крис Нолан и Ема Томас, тоа беше најлудото, највозбудливото, најкреативното патување на кое сте ме однеле во последните 20 години. Јас сум горд Ирец што стои овде вечерва. Знаете, направивме филм за човекот кој ја создаде атомската бомба и во добро или во лошо сите живееме во светот на Опенхајмер, па навистина би сакал да им го посветам ова на миротворците насекаде“, рече Килијан Марфи, добитник на Оскар за најдобра машка улога.
Необичната изведба на „Бедни суштества“ ја доби златната статуетка за најдобра сценографија, костимографија, шминка и фризура, како и за најдобра актерка – Ема Стоун.
„Почестена сум да го споделам ова со секој член на актерскиот тим, со секој член на екипата, со секоја личност која ја вложи својата љубов и грижа и својата брилијантност во снимањето на овој филм“, рече Ема Стоун, добитничка на Оскар за најдобра женска улога.
„Барби“, филмот со најголема заработка во 2023 година, освои само една од осумте награди за кои беше номинирана – Најдобра оригинална песна, од Били Ајлиш. Оскарот за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје го доби „Зона на интерес“ . Наградата за документарен филм му припадна на „20 дена во Мариопол“.
„Ова е прв Оскар во историјата на Украина. Почестен сум, но најверојатно ќе бидам и првиот режисер на сценава што ќе рече, посакувам никогаш да не го направев овој филм. Посакувам Русија никогаш да не ги нападнеше нашите градови“, рече Мстислав Чернов, Оскар за најдобар документарен филм.
За првпат годинава на оскарите се воведоа нови правила поврзани со различноста во категоријата за најдобар филм, односно вклучување на недоволно застапени расни и етнички групи, жени, ЛГБТ лица и лица со попреченост.
Бојана Крстевски
