Европа

Тесна победа на десниот центар на Луиз Монтенегро на парламентарните избори во Португалија

11.03.2024 12:19

Падот на стандардот и несоодветното справување со високите цени на производите, ги казнија португалските социјалисти на Сантош. Сепак, победата на десничарите на Монтенегро е незначителна, за формирање на влада ќе мора да влезат во коалиција со ултрадесната партија на Вентура, којшто е засега е против договорот. Популистите на „Чега“ се трети според освоените гласови, рејтингот им порасна за 11 насто од претходните избори каде што е регистрирана и висока излезност од 66 насто…

Се менува политичката слика во Португалија, тесна победа на десниот центар на Луиз Монтенегро на парламентарните избори. Освојувајќи 29 насто, недоволно за самостојно формирање влада, лидерот на Демократската алијанса најавувајќи нови владини политики се надева на премиерскиот мандат.

„Клучот е во формирањето нова влада предводена од Демократската алијанса. Но, за владеење и за стабилност, мораме да повикаме на чувството да се биде одговорен во Парламентот. Главната одговорност е моја, но и другите треба да ја почитуваат волјата на гласачите“, изјави Луиз Монтенегро-лидер на Демократска алијанса.

Социјалистите, втори по изборите, се со незначителни еден насто зад десниот центар, којшто е дел од европската народна партија.

„Одиме во опозиција, ќе ја обновиме партијата и ќе се обидеме да ги освоиме повторно Португалците кои беа незадоволни со Социјалистичката партија“, изјави Педро Њуњо Сантош-лидер на Социјалистичката партија.

Новиот лидер Сантош оцени-нас и Европа треба да нè загрижи растот на рејтингот на ултрадесничарите. И навистина, очигледен победник на изборите е ултранационалистичката партија „Чега“, трета по изборниот циклус, која од седум насто на претходните, освои дури 18 насто гласачки ливчиња или 48 места во парламентот со 230 пратеници.

„Не сакаме нови четири години владеење на социјалистите во Португалија, овој пат луѓето си кажаа што сакаат. Тие се изјаснија дека десницата треба да владее и побараа тоа да го направи. Во нашиот мандат ќе владееме со Португалија во наредните четири години“, изјави Андре Вентура-лидер на „Чега“.

Поради нападите во предизборието, не е докрај познато дали ќе коалицираат Монтенегро и Вентура. За поразот на Сантош, политичките аналитичари укажуваат на слабите резултати на владата на социјалистите во битката со галопирачката инфлација и падот на стандардот во Португалија. Излезноста беше забележително висока, по повеќе години 66 насто од 10-милионскиот електорат.

Зоран Богатинов