Голема кашлица

Во градинките и денес се примаат невакцинирани деца

11.03.2024 12:37

Иако има одлука од Министерството за здравство деца невакцинирани против пертусис да не се примаат во градинките, сепак, најмалите беа прифатени. До градинките сè уште не стигнале решенијата. Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат се на терен…

Родителите на децата кои не се комплетно вакцинирани со ди-те-пер вакцина во неизвесност дали нивното дете ќе биде примено во градинка. Директорите на повеќе градинки во главниот град со кои исконтактиравме телефонски рекоа дека сè уште не добиле решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за забрана на прием на деца кои не се целосно имунизирани. Велат дека кога ќе добијат решение тогаш ќе можат да ги враќаат децата од градинка.

Оние родители кои ги анкетиравме велат дека иако при упис на децата носеле вакцинални картони, минатиов период повторно им побарале копии и ги доставиле во градинка.

Од ДСЗИ велат дека од денеска започнуваат вонредните инспекциски надзори и инспекторите се на терен. Секоја градинка ќе добие решение.

Забраната и контролата важи и за приватните детски градинки. Вонредните контроли на здравствениот инспекторат доаѓаат по препораката на Комисијата за заштита од заразни заболувања и одлуката на министерот за здравство со цел да се спречи ширењето на епидемијата на голема кашлица.

Истовремено, се зголемува бројот на заболени од голема кашлица-покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје. Од 1-ви до 7-ми март пријавени се 50 нови случаи. Најголем број од заболените се од главниот град.

Ана Јосифоска-Тодоровска