Москва ги затвори вентилите за Киев!

16.06.2014 13:08

Тензиите меѓу двата соседа ги намалуваат шансите за постигнување компромис. Украина ја обвини Русија дека испратила тенкови на истокот на земјата за поддршка на проруските борци...

Истече крајниот рок за Украина да го плати рускиот гас, откако со Русија не  постигна договор за цената. Поради неисплатените долгови на Нафтогасот на Украина, руски Гаспром воведе плаќање однапред. И по понудата за пониска цена на гасот, Киев одбива да го плати повеќемилионскиот долг, бидејќи смета оти договорот којшто Јулија Тимошенко го постигнала со Русија е неадекватен.

Од Гаспром потврдија дека истовремено гасот за европските потрошувачи се испорачува во полн обем.

„Главните точки во мојот предлог се ратите. Според него, Украина мора веднаш да и плати на Русија 1 милијарда долари“, изјави Гинтер Етингер, Еврокомесар за енергетика.

Тензиите меѓу двата соседа ги намалуваат шансите за постигнување компромис. Украина ја обвини Русија дека испратила тенкови на истокот на земјата за поддршка на проруските борци.

Во меѓувреме, Министерот за надворешни работи на Руската Федерација Сергеј Лавров е во посета на Србија. Главна тема на разговорите со претседателот Николиќ и премиерот Вучиќ е изградбата на јужниот руски гасовод „Јужен тек“.  Европската Унија поради ургенциите на САД наложи блокада на изградбата.

Во Србија се наоѓа главното гасоводно депо за југоисточна Европа, Австрија и Италија во местото Банатски Двор и ако Србија се откаже од изградбата пропаѓа рускиот проект. Тема на шатл-посетата на Лавров ќе биде и состојбата на Балканот. 

 

Марина Автовска