Бесплатен одмор за 2.000 деца од социјално загрозени семејства

16.06.2014 13:16

Сите заинтересирани треба да поднесат барање до Центарот за социјална работа до 27-ми овој месец...

2.000 деца од социјално загрозени семејства кои примаат социјална помош и деца без родителска грижа ќе можат да аплицираат за користење на седумдневен бесплатен летен одмор во сместувачките центри на Охридското Езеро. Сите заинтересирани треба да поднесат барање до Центарот за социјална работа до 27-ми овој месец.

„Поаѓајќи од универзалното право дека секое дете има право на социјална сигурност, рекреација и животен стандард е мотивот поради кој и оваа година ќе се реализира Проектот за бесплатен одмор и рекреација на деца од семејства во социјален ризик“, рече на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Проектот се спроведува од 2012 година, и досега вкупно 6.000 дечиња посетиле бесплатен летен и зимски одмор, односно 4.000 дечиња имаа можност да заминат на бесплатен летен одмор а 2.000  на бесплатен зимски одмор, информираше Спасов.

Огласот ќе биде објавен утре, а повеќе информации заинтересираните ќе добијат на веб страната на Министерството за труд и социјална политика.