Изложбата „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје“ се отвора во Прага
Во Националната галерија во Прага ќе биде отворена патувачката изложба „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје „No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection“...

На 21 март, во Националната галерија во Прага ќе биде отворена патувачката изложба „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје „No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection“, со дела од уникатната колекција на Музејот на современата уметност – Скопје.
Ова големо претставување првично е резултат на соработката меѓу МСУ – Скопје и Кунстхале Виена. Кураторскиот тим „What, How & for Whom“, кои го креираа концептот на поставката го сочинуваат: Сабина (директорка на Кунстхале Виена), Наташа Илиќ и Ивет Ќурлин. Вака конципирана изложбата за првпат беше отворена во април минатата година во престижниот простор Кунстхале Виена (кој е дел од Квартиер) еден од најголемите европски културни центри.
Поставката за солидарно Скопје со дела кои светски познатите уметници ги подарија на МСУ, по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, за девет месеци во Кунстхале ја видоа повеќе од 75 000 илјади посетители, а само на отворањето преку 1.000. Од вкупната уметничката колекција на МСУ, која брои повеќе од 5.300 дела, во Виена беа изложени 94 дела и 50 дела од современи уметници, вклучени во овој проект. Истиот концепт ќе биде пренесен во чешката Национална галерија и ќе бидат додадени уште 54 дела од колекцијата на нашиот музеј. Изложбата во Прага ќе биде отворена до 29 септември оваа година. Оваа изложба претставува еден од најкомплексните патувачки проекти на МСУ – Скопје во изминативе 40 години и е дел од одбележувањето на јубилејот 60 години од основањето на Музејот на современата уметност-Скопје.
