Блиски Исток

Гутереш бара да стивне оружјето во Појасот Газа за време на Рамазан

12.03.2024 09:36

Оружјето во Газа не запира. Во воздушен напад на израелските сили загинаа три лица, десетици се ранети. Гутереш ги повика завојуваните страни да го почитуваат духот на светиот муслимански месец Рамазан и да запрат со нападите...

Рамазан во сенка на продолжените напади во Појасот Газа. На југот во Рафах, на оброкот пред зори, во воздушен напад на израелските сили загинаа најмалку три лица, а десетици се ранети. Во мирните времиња Ранда Бејкер го украсувала домот за празникот. Сега вели-не и значи ништо.

„За мене Рамазан сега не значи ништо. Столбот на домот го нема. Нема храна, нема пијалаци. Ситуацијата е лоша. Рамазан не е Рамазан“, рече Ранда Бејкер, раселена жена.

Шефот на ОН Антонио Гутереш ги повика двете завојувани страни да го почитуваат духот на светиот муслимански месец и да ги стишат пушките.

„Мојот најсилен апел е да се почитува духот на Рамазан со стишување на пушките и отстранување на сите пречки за да се обезбеди испорака на хуманитарна помош. Во исто време, и повикувам и на итно ослободување на сите заложници“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ОН.

Додека невидениот глад на северот царува, првиот брод со 200 тони храна и друга хуманитарна помош исплови од Кипар. Во истовреме, Израел длабоко напаѓа во Либан. Погодени се два објекта на Хезболах како одговор на нападите врз Голанската висорамнина. Продолжува војната и во Црвено Море. САД уништија подводен брод без екипаж и 18 противбродски проектили во областите во Јемен контролирани од Хутите.

„Целевме на американскиот брод „Пинокио“ со голем број соодветни поморски ракети. Целта беше погодена. Нагласуваме дека воените операции ќе ескалираат во текот на месецот Рамазан како поддршка за угнетениот палестински народ“, изјави Јахја Сари, воен портпарол на Хутите.

Преговарачите интензивно работат на изнаоѓање мировна формула додека ситуацијата во регионот ескалира. Расте и притисокот врз Израел. Австралија го повика Тел Авив да го промени курсот на војната во Газа за да ја зачува меѓународната поддршка.

 

 

Бојана Крстевски