Адам Сендлер, Марго Роби и Том Круз-најплатени глумци во 2023

12.03.2024 10:17

Адам Сендлер е најплатениот глумец во Холивуд за изминатава година, според списанието „Форбс“. Тој заработил 73 милиони долари, пред сè благодарение на договорот со „Нетфликс“...

Адам Сендлер е најплатениот глумец во Холивуд за изминатава година, според списанието „Форбс“. Тој заработил 73 милиони долари, пред сè благодарение на договорот со „Нетфликс“ и неколкуте филмови со коишто е актуелен. Комичарот последен пат беше на врвот на таа топ-листа во 2002 година.

Тоа го постави над Марго Роби, која е втора. Нејзината заработка од 59 милиони долари главно се заснова на главната улога во филмот „Барби“, но и во остварувањето на Вес Андерсон – „Град на астероиди“ (Asteroid City) и како продуцентка на филмот „Салтбурн“.

Том Круз е на место број 3 на листата на „Форбс“ со заработка од 45 милиони долари, најмногу поради филмот „Невозможна Мисија: Одмазда 1. дел“ (Mission: Impossible – Dead Reckoning Part One), како и правата за стриминг на „Топ ган 2: Маверик“.

Рајан Гослинг и Мет Дејмон го делат четвртото место, со заработка од по 43 милиони долари.

На топ-10 листата најплатени глумци се наоѓаат и Џенифер Анистон (42 милиони), Леонардо ди Каприо и Џејсон Стејтам (со по околу 41 милион долари заработка), Бен Афлек (38 милиони) и ѕвездата на „Израмнувач 3“ – Дензел Вашингтон со заработени 24 милиони долари.