ЕК ќе препорача отворање пристапни преговори со БиХ
Европската комисија потврди дека ќе им препорача на земјите-членки да ги отворат пристапните преговори со Босна и Херцеговина...

Советот на министри на Босна и Херцеговина на денешната седница треба да расправа за новиот предлог-закон за судот на БиХ, што е еден од условите за добивање зелено светло за отворање на преговорите со ЕУ, додека Европската комисија потврди дека ќе им препорача на земјите-членки да ги отворат пристапните преговори со Босна и Херцеговина.
„Се разбира, потребен е поголем напредок за да се приклучи на нашата унија но, земјата покажува дека може да ги исполни критериумите за членство и стремежот да бидат дел од нашето семејство. Затоа денеска ќе одлучиме да препорачаме до Советот отворање на пристапните преговори со Босна и Херцеговина“, изјави Урсула Фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Оваа земја од Западен Балкан е меѓу шесте-заедно со Албанија, Србија, Косово, Црна Гора и Северна Македонија – кои се во различни фази од процесот на пристапување во ЕУ, по периодот на војни и кризи во 1990-тите.
