Македонија

Укинат притворот на возачот на Љупчо Палевски-Палчо

12.03.2024 11:41

Одлуката тој да излезе од истражниот затвор во Шутка ја донел судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд – Скопје. На Димовски, определени му се мерки на претпазливост-забрана за напуштање на живеалиште, одземање патна исправа и обврска за јавување во суд...

Укинат е притворот на Стефан Димовски, кој е осомничен за помагање при бегството на Љупчо Палевски-Палчо. Одлуката тој да излезе од истражниот затвор во Шутка ја донел судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд – Скопје. На Димовски, определени му се мерки на претпазливост-забрана за напуштање на живеалиште, одземање патна исправа и обврска за јавување во суд.

„По предлог на надлежен обвинител за укинување мерка притвор за С. Д и определување мерки за претпазливост, судија на претходна постапка му определи мерки, забрана за напуштање живеалиште, одземање патна исправа, обврска за јавување во суд и одземање, односно забрана за користење возачка дозвола“, информираат од Кривичниот суд.

Од Обвинителство, пак, информираат дека максималното законски возможно траење на притворот за кривичното дело за кое се сомничи Димовски е три месеци.

Димовски, се сомничи дека го возел од Србија до Турција првоосомничениот за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, Љупчо Палевски – Палчо, за кого се чека екстрадиција од Турција.

За двојното убиство, за две кривични дела „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“ се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје, а во притвор е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето.