Дебата

Руското влијание во црквата може да има сериозни последици, велат експерите

12.03.2024 12:37

Руското влијание е инфилтрирано во нашата црква, може да има сериозни последици, вели професорот Ѓуровски. Како до целосна автокефалност на МПЦ-ОА, задржување на верници, падот на моралните вредности, влијанието на религијата на современите текови беа темите на кои дебатираа професори и црковни лица на Филозофскиот факултет...

Кога ќе ви кажат НАТО земји- членки дека имате соработници дома, ви шетаат во архиепископијата и остваруваат контакти, треба да се замислите – вели професорот Марјан Ѓуровски од Филозофскиот факултет.

„Оние кои држеа литургии во македонските цркви, денеска имаат забрана и се прогласени за „персона нон грата“, од скоро сите НАТО земји-членки на Алијансата, оттука со нив се остваруваат контакти на тајни средби. Јас изразувам голема загриженост и тоа претставува голем безбедносен ризик, не можеби сега веднаш, но долгорочно ќе ги имаме последиците“, изјави проф. Ѓуровски.

Народот треба да го слуша официјалниот став на црквата. Сѐ што доаѓа од поединец треба да биде сфатено со резерва, апелира отец Митевски.

„Црквата е над сè што е од овој свет и затоа таа треба да се проектира според она што е запишано во евангелието, доколку сака да биде црква, а не да биде една од институциите“, изјави отец Митевски.

МПЦ има големо влијание врз населението во нашата земја – вели професорот Матевски од Филозофскиот факултет.

„Истражувањата покажуваат дека интензитетот на влијание на МПЦ-ОА, е исклучително висок во македонското општество, за тоа постојат повеќе причини и за тоа ќе поразговараме денес. Од една страна црквата секогаш го бранела националниот индентитет, од друга страна македонското население е исклучително религиозно и треба да се видиме како таа реагира на современите општествени текови“, рече проф. Матевски.

Како до целосна автокефалност на МПЦ – ОА, задржување на верниците, падот на моралните вредности во нашето општество, влијанието на религијата на современите текови беа темите на кои дебатираа професори и црковни лица.

 

Александра Велинова