Извештај

ГРЕКО забележа напредок во имплементацијата на препораките

12.03.2024 12:39

Групата на држави против корупција на Советот на Европа (ГРЕКО) денес го објави извештајот за Северна Македонија во кој се оценува напредокот во имплементацијата на препораките упатени во рамките на Извештајот за евалуација на четвртиот круг. Четиринаесет од деветнаесетте препораки беа задоволително имплементирани или адресирани, четири беа делумно имплементирани, а една не беше спроведена…

Препораките за брзо продолжување со изготвувањето на кодекс на однесување за парламентарците, развивањето на правила и стандарди за обвинителите во однос на прифаќањето на подароци, гостољубивоста и други предности и да се врши соодветен надзор над примената на овие правила, проверката изјавите за интереси и анкетните листови, според ГРЕКО се имплементирани во задоволителна мера или по нив е постапено на задоволителен начин.

Сепак, ГРЕКО изразува жалење што нема подобрување во поглед на системот на санкционирање на пратеници, предвиден со Законот за спречување на корупција и судир на интереси. Препорака, која според ГРЕКО е делумно имплементирана, при што се земени предвид податоците обезбедени за надзорот којшто го врши ДКСК.

„Информациите во врска со попродлабочена проверка на изјавите за интереси беа обезбедени само за дел од пратениците“, стои во Извештајот, со забелешка: „Нема санкциониран пратеник за неусогласеност за имотната состојба со анкетниот лист“.

Препораките кои се однесуваат на лобистите и судирот на интереси во рамките на Собранието, дисциплинскиот режим за обвинителите се делумно имплементирани. Во однос на обвинителите, единствената преостаната препорака се однесува на проширување на опсегот на санкции кои се достапни за дисциплински повреди, сторени од страна на обвинителите.

Препораката на ГРЕКО, со цел да се зајакне независноста на судството од несоодветно политичко влијание, да се укине членството по службена должност на министерот за правда во Судскиот совет, не е имплементирана.

Властите одговараат дека во периодот од 2019-та до март 2023-та година министерот за правда не учествувал на ниту една седница на Судскиот совет и тоа така ќе биде сè додека не се смени Уставот.

Тони Гламчевски, дописник од Стразбур за МРТ