Избори 2024

Се финализираат партиските листи за претстојните избори

12.03.2024 12:56

Иако последниот рок за поднесување на листите е 3-ти април, повеќе или помалку се знаат носителите на листи кај партиите...

Се формираат пратеничките листи за претстојните избори. Иако последниот рок за поднесување на листите е 3-ти април, повеќе или помалку се знаат носителите на листи кај партиите.

Во ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ќе ја предводи листата во првата изборна единица, во двојка ќе биде потпретседателот Мисајловски, пратеникот Ковачки во тројка, Александар Николоски во четворка и пратеничката Дафина Стојановска во шестката. Петтата изборна единица опозицијата сè уште ја нема дефинирано.

Во СДСМ сè уште неофицијално. Ковачевски веќе потврди дека ќе биде носител во првата изборна единица. Двојката би требало да биде за Сања Лукаревска иако таму шанси има и Фатмир Битиќи. Во тројката се прави анализа меѓу Љупчо Николовски и Оливер Спасовски. Четворката веројатно ќе биде за Венко Филипче, а во петката се споменува името на Славјанка Петровска. Сè уште се бара кандидатот за шестата изборна единица.

Од останатите партии кои ќе учествуваат на изборите во првата изборна единица се најави лидерот на Левица, Апасиев и скопската градоначалничка Арсовска.

Албанските политички партии главната битка ќе ја водат во шестката. Таму се очекува дуел на Ахмети со Касами додека Меџити и Гаши се очекува да се распоредат во првата и втората изборна единица.