По зголеменото насилство во земјата, премиерот на Хаити поднесува оставка
Премиерот на Хаити, Ариел Анри, се согласи да поднесе оставка по неколкунеделниот притисок и насилство во земјата. Одлуката доаѓа по средбата на регионалните лидери во Јамајка кои разговараа за политичката транзиција на Хаити. Главниот град на Хаити, Порт-о-Пренс и околниот регион се во едномесечна вонредна состојба, полицискиот час е продолжен...

Премиерот на Хаити, Анри, поднесува оставка по неколкунеделниот притисок и насилство во земјата. Одлуката доаѓа по средбата на регионалните лидери во Јамајка кои разговараа за политичката транзиција во карипската земја. Премиерот кој сè уште е во Порторико, спречен од вооружените банди да се врати дома, ќе ја напушти функцијата по формирањето на преодниот кабинет.
„Откако Советот на министри прифати да воспостави преоден претседателски совет, членовите на ќе бидат избрани во договор со различни сектори. Владата со која раководам ќе се смени веднаш по формирањето на советот“, изјави Ариел Хенри, премиер на Хаити.
Американскиот државен секретар, Блинкен, најави дополнителни 100 милиони долари за финансирање на распоредувањето на безбедносни сили на Хаити и дополнителни 33 милиони долари хуманитарна помош.
„Со оглед на зголемената итна потреба, Министерството за одбрана на САД ја удвојува одобрената поддршка за мисијата од 100 милиони на 200 милиони долари. Исто така, најавувам дополнителна хуманитарна помош за луѓето на Хаити, за натамошна поддршка на нивното здравје и безбедност на храната“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
„Стравуваме од влошување на ситуацијата на Хаити, стравот од граѓанска војна сега е оправдан. Сите сме согласни дека тоа не смееме да дозволиме да се случи, не на нашата хемисфера, со нашата долгогодишна демократска традиција и углед“, изјави Ендрју Холнес, премиер на Јамајка.
Лидерот на една од бандите што се смета за најмоќна на Хаити, се закани дека земјата би можела да биде втурната во уште поголем хаос доколку меѓународната заедница не преземе мерки.
„Денес ја користиме приликата да и кажеме на меѓународната заедница да му даде шанса на Хаити. Треба да решиме кој ќе ја води земјата и каков модел на влада сакаме. Ќе откриеме како да го извлечеме Хаити од мизеријата во која се наоѓа. Ако меѓународната заедница продолжи по истиот пат, тоа ќе го втурне земјата во поголем хаос“, рече Џими Шеризие-Скара, водач на банда.
Главниот град на Хаити, Порт-о-Пренс и околниот регион се во едномесечна вонредна состојба, додека полицискиот час е продолжен. Бандите изминатиов период ослободија илјадници затвореници од затворите, а се обидоа и да го окупираат главниот меѓународен аеродром. Премиерот Анри потпиша договор со Најроби за вклучување на две илјади полицајци од Кенија во Хаити, по што бандите ги почнаа безредијата.
Маријана Димовска
