Здравство

Во Куманово дечињата до четврток ќе се примаат во градинки

12.03.2024 15:53

Во Куманово во градинките денеска се примаа сите дечиња. Забраната за невакцинираните ќе важи од четврток. Состојбата со големата кашлица во оваа општина е стабилна. Но новата мерка којашто стапи на сила ги натера родителите да го посетат вакциналниот пункт. Редици од дечиња кои се нецелосно имунизирани. Има и такви кои барале да се скрати рокот за ревакцина за да можат дечињата да се згрижат во детска установа …

Сите дечињата кои утринава се упатиле во осумте објекти на детската градинка „Ангел Шајче“ во Куманово се примени. Невакцинираните и нецелосно имунизираните ќе се враќаат од четврток.

Надлежните од кумановската градинка се водат по одлуката којашто вчера им пристигнала од Министерството за здравство. Истата е веќе на сила но ќе се применува од четврток. Иако епидемија на голема кашлица е прогласена во Град Скопје, мерките ќе се применуваат низ целата држава. Одлуката е закачена на влезовите за прием, а раководителите ги информирале и родителите. Најавена и вонредна контрола од државниот санитарен и здравствен инспекторат. Од установата посочуваат дека за секое дете за кое е склучено договор има изготвено досие со картон за имунизација. Но што ќе се случи со дечињата кои поради определена здравствена состојба не смеат да се имунизираат, е непознато.

„Денеска ниту едно дете, ниту утре нема да биде вратено, но родителите за да знаат да се подготват, да се организираат, кој ќе се грижи за нивните деца кои се невакцинирани. Имаме голема реакција од утринава со родителите за децата кои се нецелосно, некомплетно имунизирани согласно календарот за имунизација, но сепак кога ќе дојдат инспекторите ќе видиме што понатаму, затоа што некои имаат реална лекарска потврда дека не смеат да се вакцинираат“,  нагласи директорката на кумановската градинка Ангел Шајче, Марина Алексовска.

Кумановската градинка во моментов ја посетуваат 1.790 дечиња. Дополнителни 100 дечиња чекаат прием, но со Комисијата за прием сè уште не можат да склучат договор затоа што се невакцинирани. За разлика до Скопје, во Куманово состојбата со голема кашлица е стабилна. Евидентирани се шест случаи на заболени. Но, станува збор за изолирани случаи, дечињата не посетувале градинка. На вакциналниот пункт денеска повторно редица. Најмногу доаѓаат родителите со нецелосно имунизираните дечиња. Имало и такви кои барале да се скрати периодот за ревакцина.

„Поголем дел од децата се невакцинирани и сега доаѓаат за ревакцинација или за третата доза на вакцината. Пертусис почнува од вториот месец на раѓање, па втората на четвртиот месец, третата на шестиот и ревакцијата на 18-ти месец“, изјави доктор Ќефајете Бајрами Демири, Здравствен дом Куманово.

До попладнево на пунктот во Куманово се имунизирале 60-ина дечиња.

 

Елена Георгиевска