Најновите остварувања на 7-от Фестивал на француски филм
Француски филмски фестивал по 7 – ми пат во Македонија. Фестивалот е во организација на Францускиот институт во Скопје со поддршка од Министерството за култура. Ќе трае од 18 ти до 22 јуни во скопските кина Милениум, Фросина и Кинотеката на Македонија, како и во Центарот за култура „Глигор Прличев“ во Охрид...

Со филмот „Ке Д’орсе“ во режија на Бертран Таверние снимен минатата година, во среда во кино „Милениум“ се отвора седмиот Фестивал на францускиот филм. До недела ќе бидат прикажани најновите остварувања на француската кинематографија.
„Седмото издание на Фестивалот на францускиот филм го продолжува континуитетот на предходните изданија на манифестацијата и ќе ни понуди извонредно квалитетен избор на филмови. И тоа 9 догометражни, 4 краткометражни и еден документарен филм“, изјави министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска.
Фестивалот е клучен настан во културната размена меѓу Франција и Македонија, потенцира амбасадорката на Франција.
„Оваа година ние си зададовме како задача повеќе работи, пред се да презентираме една селекција на филмови којашто е насочена кон широката публика, да иницираме средби со гостите на фестивалот“, изјави француската амбасадорка во Македонија, Лоранс Оер.
Покрај филмовите за широката публика ќе бидат прикажани и филмови во знак на сеќавање на два важни историски настана – 100 години од почетокот на Првата Светска војна и 70 години од истоварувањето на сојузничките сили во Нормандија.
„Сите значајни манифестации последнава година ја направија Македонија еден лидер на европските тенденции во културата во цела Југоисточна Европа“, нагласи Јордан Плевнеш – почесен претседател на Фестивалот.
Во јули ќе биде склучен и договор за копродукции меѓу Македонија и Франција кој ќе го води францускиот национален центар за филм.
Ана Јосифоска- Тодоровска
