Будимпешта

Деспотовски на Балканскиот форум во Будимпешта

13.03.2024 10:34

Деспотовски, на покана на Унгарскиот институт за надворешни работи, како главен говорник на панелот посветен на справувањето со недостаток на работна сила во Централна и Југоисточна Европа ...

Деспотовски, на покана на Унгарскиот институт за надворешни работи, како главен говорник на панелот посветен на справувањето со недостаток на работна сила во Централна и Југоисточна Европа истакна дека за решавање на ова актуелно прашање многу е важно работите да се гледаат и анализираат преку квантитативен и структурен пристап за да се изнајдат ефективни решенија.

Според него со оптимизација на сектори и трансфер на работници може да се случи потребната промена, како на пример со трансфер на работници од земјоделие, традиционалните нископлатени производствени дејности, како и од јавната администрација во сектори потребни на пазарот на работна сила.

Во справувањето со недостигот на работна сила, странските работници се појавуваат како брзо решение за ублажување на моменталните притисоци, смета Деспотовски, но според него од клучно значење е при ангажирање странска работна сила да се земат в предвид и културната компатибилност, владеењето на јазиците и приспособливоста заедно со техничките вештини.

На панелот учествуваа претставници на германската бизнис-асоцијација за Југоисточна Европа, виенскиот Институт за економски студии како и професори од Економскиот факултет во Белград и унгарската Фондација за економски истражувања.

Над 100 експерти, политичари и претставници на невладини организации учествуваат на Балкански форум во Будимпешта 2024, во организација на Унгарскиот институт за надворешни работи. Меѓу нив годинава се и министерот за надворешни работи на Унгарија Петер Сијарто, Дубравка Џедовиќ, министерка за рударство и енергетика на Србија, Весела Чернева заменик-директор на Европскиот Совет за надворешни односи и Игли Хасани, министер за Европа и надворешни работи на Албанија. Дводневниот форум годинава се фокусира на енергетиката, економијата и на евроинтеграцијата на Западен Балкан. Балканскиот форум се одржува осма година по ред.