Какви кадри ни требаат?

16.06.2014 15:30

Компаниите бараат реформи во средното стручно образование. Се предлага можност за стажирање во компаниите во текот на целата година, пробен период од 3 до 6 месеци, воведување скратени специјалистички студии, интензивно изучување на информатиката во средното образование...

Освен заварувачи, монтери, бравари, машински и металуршки техничари на компаниите им се потребни и инженери за безбедност и здравје при работа, контролори на квалитет, машински инженери, тим лидери на продажба, лаборанти, инженери за сертификација.

Ова е само дел од списокот на профили кои ги нема во евиденција на Агенцијата за вработување, а ги бараат инвеститорите. Компаниите бараат реформи во средното стручно образование.  

„Постои потреба за специјализирани технички профили. Општата квалификација на работната сила е на ниско ниво. Во иднина треба да се инвестира во соодветно образование за да младите луѓе се здобијат со вештини кои им се потребни на македонските  и на странските компании“, истакна Хуан Педро Хименез Наваро, претседател на Советот на странски инвеститори.

Меѓу другите мерки се предлага и субвенционирање на вработувањето и дообука на млади стручни кадри.

„Ако за заживување на земјоделството оваа земја издвојува 120 милиони евра годишно, нема причина за развој на младите стручни кадри да не бидат обезбедени потребните средства и да им се помогне на компаниите“, нагласи Антони Пешев, председавач на Собранието на Стопанската комора на Македонија.

Се предлага можност за стажирање во компаниите во текот на целата година, пробен период од 3 до 6 месеци, воведување скратени специјалистички студии, интензивно изучување на информатиката во средното образование.

Македонија во иднина не треба да се рекламира како земја со ниски плати туку како дестинација за инвестирање која има квалификуван кадар соодветен на потребите и поевтин од остатокот на Европа, велат компаниите.

 

Свето Николовски