Финансии

Народна банка: Основната каматна стапка останува 6,30 отсто

13.03.2024 12:23

Народната банка оценува дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна на условите во економијата. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари.

Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка вчерашната седница оцени дека каматната стапка на благајничките записи треба да биде задржана на нивото од 6,30%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20% и 4,25%, соодветно, соопшти Народната банка.

На седницата на Комитетот е оценето дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна на условите во економијата. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари.

Воедно, на крајот на февруари беше донесена одлука за промени во поставеноста и начинот на одржување на задолжителната резерва. Одлуката опфаќа сет од сеопфатни мерки, коишто ќе се применуваат во фази, но во најголем дел од јуни 2024 година и се главно насочени кон натамошна поддршка на процесот на денаризација и зголемување на долгорочното штедење во банкарскиот систем. Се очекува дека тековното ниво на каматните стапки, заедно со промените направени досега кај задолжителната резерва и со преземените макропрудентни мерки, ќе придонесат за натамошно забавување на инфлацијата и за задржување на стабилноста на девизниот курс.

Во услови на поволен девизен пазар, главниот акцент при носењето на одлуката за задржување на тековната поставеност на монетарната политика беше ставен на потребата од стабилизирање на инфлацијата на историски ниските нивоа и инфлациските очекувања на потрајна основа, а имајќи ги предвид ризиците.