Инфлацијата се намалува, економскиот раст под проектираниот
Сигналите од анкетите за инфлациските очекувања на потрошувачите исто така се поволни, односно во февруари веќе преовладуваат очекувања за намалување на цените во следниот период, констатира Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.

Домашната инфлација забавува и во февруари 2024 година се сведе на 3% на годишно ниво, при значително намален притисок од цените на храната и енергијата, но и пониски ценовни притисоци од помалку променливите категории, во согласност и со преземените монетарни мерки, соопштуваат од Народната банка.
Сигналите од анкетите за инфлациските очекувања на потрошувачите исто така се поволни, односно во февруари веќе преовладуваат очекувања за намалување на цените во следниот период, констатира Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.
Стапката на инфлација во февруари е блиску до онаа во еврозоната. Цените на примарните производи на берзите и натаму надолно се приспособуваат, а воедно и прогнозите за следниот период се надолно ревидирани. Остварувањата кај инфлација од почетокот на годината се пониски од очекувањата, но нивото сѐ уште е над историскиот просек, а ризиците во однос на идната динамика на цените и натаму постојат.
Од банката велат дека сѐ уште отсуствува поизразен пренос на берзанските движења врз домашните цени кај храната, а постои и неизвесност поради актуелните воени конфликти, како и поради престанокот на привремените мерки за дел од домашните прехранбени производи.
Оценето е дека е потребна натамошна претпазливост при водењето на политиките, вклучително и на политиките што делуваат врз побарувачката во економијата.
Остварениот економски раст, пак, во последниот квартал на 2023 година, како и за целата година, е под проектираниот, што упатува на посилно забавување на економскиот раст од очекуваното.
Имено, реалниот раст на домашната економија во 2023 година изнесува 1%, при раст на БДП во четвртиот квартал од годината од 0,9% на годишна основа. Анализирано по компоненти, растот во последниот квартал произлегува од нето-извозот, надополнет со натамошниот солиден раст и од личната потрошувачка, а умерен придонес има и јавната потрошувачка.
Засега, податоците за јануари покажуваат солиден раст на индустриското производство, додека прометот во вкупната трговија бележи реален пад. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот на остварување на домашните инфраструктурни проекти, соопштуваат од Народната банка.
