Битола

Житните парцели во Пелагонија под вода по обилните врнежи од дожд

13.03.2024 13:54

Пченицата во пониските парцели во нашата најголема житница е под големи количини на вода. Земјоделците велат, ова ќе ја пролонгира втората прихрана која е најважна за развојот на лебното зрно. Стравуваат и од појава на низа болести...

Почвата на нашата најголема житница е презаситена од влага. Наврнатите над 100 литри дожд на метар квадратен, само во деновите од последниот влажен бран и слабата пропусна моќ на одводните канали придонесоа подземните води да бидат на највисоко ниво, а пченицата во пониските парцели да биде длабоко под вода.

Земјоделецот Трајан Ѓоргиевски вели, развојот на културите, посебно пченицата беше солиден, но новонастанатата состојба негативно ќе влијае бидејќи доаѓа во највиталниот период кога пченицата требаше да напредува во братењето.

Дополнителен проблем е тоа што ќе се пролонгира и една од најважните операции, втората прихрана на есенските култури, а додека се испосне земјата, вели, голема е веројатноста да пламнат болестите.

Евентуални нови врнежи дополнително ќе ја усложнат состојбата, но и вака првичните проценки се дека просечните приноси би биле пониска за 20-тина посто. Ако се знае дека есеноска Пелагонија беше насеана само 70 посто, се отвора прашањето за колку ќе се зголемат потребите од увоз на лебно зрно.

 

Стевче Митревски