Собранието го изгласа Законот за забрана на нефер трговски практики
Собранието на денешната седница го изгласа Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи ...

Со Законот се уредуваат условите и начинот како ќе се врши трговија со земјоделски и прехранбени производи. Неговата примена се очекува да влијае во намалување на цените на земјоделските и прехранбените производи, а со тоа и на квалитетот на производите. За прв пат во државата се носи вакво законско решение во кое има наведено 26 нефер трговски практики кои ќе се уредуваат.
Со овој Предлог на Закон се очекува да се елиминира неоправданиот и непропорционалниот трансфер на економски ризик од еден трговски партнер на друг; или да се наметне значителна нерамнотежа на правата и обврските на еден трговски партнер кон друг. Надоместоците кои сега се наплаќаат во договорниот однос меѓу купувач и добавувач, кои надоместоци сериозно влијаат на малопродажната цена на штета на потрошувачите, ќе се сметаат за забранета нефер трговска практика.
Клучно во овој дел е поголемо приближување и изедначување на националната легислатива, со легислативата на земјите членки на Европската унија. Република Северна Македонија е единствената земја од Западен Балкан кој ја транспонира оваа директива на ЕУ, со цел да воспостави фер и рамноправни односи во однос на доминацијата на преговарачка моќ во трговијата помеѓу двајца или повеќе деловни партнери.
Со донесување на Предлог на законот се очекува да се постигнат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори (купувачи и добавувачи), кои се активни во синџирот снабдување со земјоделство и храна во различни фази на производство, преработка, маркетинг, дистрибуција и малопродажба на земјоделски и прехранбени производи и соодветна примена на забраните на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи.
Во Законот исто така е наведено процентуално колку може да биде максималниот рабат кој може маркетите да го бараат од производителите и добавувачите кои сега надминуваат над 30%-40% од цената.
Со ова решение е предвидена листа на земјоделски и прехранбени производи каде рабатот ќе биде ограничен на 10% и во склоп на тоа ќе конкурираат меѓу себе ланците на супермаркети што ќе влијае во намалување на цените.
За непочитување на законските одредби засега во предлог решението се предвидени глоби до 20.000 евра.
