Врховен суд

Се очекува одлука за притворот на таткото на убиената Вања

13.03.2024 14:28

Советот за казниви дела при Врховниот суд на Македонија на јавна седница по жалбата на адвокатот на таткото на убиената Вања Ѓорчевска. Ова е по одлуката на Апелацискиот суд Скопје кој го одби барањето на одбраната на Александар Ѓорчевски, таткото на убиената 14-годишна девојка, да му се укине мерката притвор…

По одлуката на Кривичен и Апелациски да му се продолжи притворот, таткото на убиеното 14-годишно девојче Вања, Александар Ѓорчевски побара Врховниот суд да го укине. Во жалбата до судот, адвокатот Туфегџиќ побара укинување на превентивниот притвор, оти осомничениот веќе дал исказ и нема докази дека ќе влијае на сведоци или ќе се вдаде во бегство.

„Од првиот ден верувам дека Александар не е виновен и дека сето ова што се случува околу него е една голема грешка. Денеска на јавната седница образложението беше во таа насока. Суштината на образложението на жалбата беше во согласност со Европската конвенција за човекови права. Наведени се и прекршувања на членот 5, бидејќи според мене како бранител во конкретниот случај се работи за класичен пример на превентивен притвор, а тоа е недозволено“, изјави Владимир Туфегџиќ-адвокат на Александар Ѓорчевски.

Бранителот е загрижен и за психичката состојба на осомничениот Ѓорчевски и безбедноста во затворот „Скопје“ во Шутка, каде веќе бил нападнат. Самиот осомничен за грабнување на неговата ќерка Вања, рече дека само сака случајот да заврши и дека потоа ќе реши дали ќе остане на овој свет или ќе и се придружи на Вања.

Јавниот обвинител за случајот побара Врховниот суд да ја одбие жалбата, оти истрагата сè уште е во тек и осомничениот може да влијае на сведоците и да побегне, а постои опасност и по безбедноста на неговата бивша сопруга и втората ќерка.

Врховниот суд треба да донесе одлука дали ќе го укине притворот на таткото на Вања, за тој да се брани од слобода.

Ова е втора одлука за притвор за двојното убиство за неколку дена. Претходно од притвор беше ослободен возачот Стефан Димковски на првоосомничениот Љупчо Палевски – Палчо, кого го возел до Турција.

Ирина Гелевска