Тошковски и Џафери во клинч
Тошковски смета дека вчерашната одлука на Владата со која се поништени пет наредби е скандалозна и спротивна на законите. Законот е јасен дека треба да има врзан потпис, одговори Џафери...

Тошковски контра Џафери откако на владина седница беа поништени наредби за кадровски прераспоредувања и распоредувања во подрачни сектори на министерството и Бирото за јавна безбедност. Според министерот за внатрешни работи, одлуката е скандалозна и спротивна на законите.
„Една од петте поништени наредби се однесува на работник во Министерството за внатрешни работи кој се упатува да извршува работни задачи во управните служби во Ново Село каде се соочуваме со кадровски дефицит во делот на издавањето на лични документи, а со ваквата одлука на владата практично се доведува во прашање функционирањето на оваа организациска единица, односно издавањето на лични документи на граѓаните на оваа општина. Останатите четири наредби се однесуваат на советници од мојот кабинет со кои им се даваат конкретни насоки за постапување, а нивното поништување исто така влијае врз работата на министерството на највисоко ниво, кое во претстојниот период треба да биде гарант за спроведување мирен и демократски изборен процес“ вели Тошковски.
Од Владата велат известија дека наредбите се ништовни бидејќи имаат потпис само од министерот, а не и од дополнителниот заменик-министер. Се повикуваат на Законот за влада, според кој, заради организирање на избори за пратеници во Собранието, дополнителниот заменик на министерот за внатрешни работи, заедно и рамноправно со министерот ги разгледува и потпишува сите акти и документи, а во спротивно тие не произведуваат правно дејство.
Ова не прв пат. Владата и пред еден месец поништи одлуки на Тошковски со исто образложение.
Марија Котовска
