Економија

Законот донесен, ќе се воведе ли ред во ценовната политика

13.03.2024 15:01

Собранието го изгласа Законот за забрана на нефер трговски практики. Вицепремиерот за економски прашања, Битиќи, смета дека системското решение на проблемот е токму тој закон. Сега се на ред трговците да ги прилагодат цените...

Ќе се стави ли конечно ред на поскапувањето на храната, откако пратениците експресно го изгласаа Законот за нефер трговски практики. Законот, според надлежните, треба да воведе ред во ценовната политика, откако на 1-ви март заврши мерката за гарантирана цена. За ова законско решение, согласни беа и власта и опозицијата.

Откако Законот помина во Собрание, сега се на ред трговците да ги прилагодат цените. Намалените цени треба да следуваат преку уредување на односите меѓу производителите, дистрибутерите и трговците.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, очекува да се стави ред на цените со храната.

Дел од компаниите најавија дека ќе ги задржат гарантираните цени до 15-ти мај годинава, но во некои маркети не се почитува тоа.

Откако Законот ќе стапи во сила, Министерството за економија ќе усвои листа на повеќе од 2.000 производи за кои, според надлежните, маржата нема да смее да биде повисока од 10%.

Законот содржи 26 нефер трговски практики за спречување на манипулациите, а за приспособување на компаниите кон понудените решенија одреден е рок од шест месеци.

 

Борис Грујоски