Економија

Градежништвото останува главен двигател на растот

16.06.2014 16:46

БДП во првиот квартал забележа позитива од 3,9 проценти, највисокa во Европа. Раст е регистриран и кај индустриското производство и кај извозот. Бизнисмени и економисти очекуваат – раздвижувањето на економијата да повлече и зголемено кредитирање...

Градежништвото останува главна локомотива на домашната економија. Овој сектор, во првите три месеци од годинава забележа  позитива од речиси 14 проценти. Изградбата на автопатите и на железницата, инвестициите во нови технолошки зони и во енергетиката, на градежниците им даваат оптимизам дека растот во овој сектор дополнително ќе засили.

„Обемната програма на партијата којашто дојде на власт предвидува зголемување на капиталните инвестиции за над 20 проценти, па оттука сметаме дека и во наредните пет до десет години ќе имаме активности, а со тоа активност ќе има и во сите други гранки, поврзани со градежниот сектор“, изјави Сеад Кочан, претседател на градежна комора при ССК.

Градежната експанзија и странските директни инвестиции и натаму ќе бидат главни двигатели на стопанството – оценува универзитетскиот професор Марјан Петрески. Вели деказа повисоки стапки на раст е потребно да се промени структурата на економијата. Професорот советува политиките да се дизајнираат на начин  што сите граѓаните ќе го почувствуваат растот.

„Верувам дека на среден рок е можно да се постигнат и повисоки стапки на економски раст, коишто ќе влијаат на подобрување на животниот стандард на населението. Очекувам дека зголеменета економска активност ќе го поттикне и кредитирањето. Банките се уште перцепираат одредени ризици во економијата, па иако располагаат со средства, тешко му одобруваат кредити на стопанството, но за очекување е како што економијата ќе расте, така да забрзува и кредитирањето“,  објаснува Марјан Петрески, универзитетски професор.

Проекциите за растот на БДП се разликуваат од институцијата која ги дава. Народната банка е со најоптимистичка прогноза, за раст на економијата од 3,7 проценти годинава и 4,4 наредната. Македонската Влада и ММФ одат со проекција за раст од 3,5 проценти, а ЕК и Светска банка со 3. Според Брисел, македонската економија годининава ќе забележи четврти најдобар резултат во Европа, по Летонија, Литванија и Полска.

 

Мартин Пушевски