Врховен суд

Таткото на убиената 14-годишна Вања останува во притвор

13.03.2024 21:05

Таткото на убиената 14-годишна Вања останува во притвор. Врховниот суд набрзина донесе одлука по жалбата на адвокатот на Александар Ѓорчевски да му се прекине притворот. Советот за казниви дела при Врховниот експресно, донесе одлука со која само го потврди решението на Апелациониот суд ...

Таткото на убиената 14-годишна Вања останува во притвор. Врховниот суд ја одби неговата жалбата како неоснована. Советот за казниви дела при Врховниот суд експресно донесе одлука со која само го потврди решението на Апелациониот суд од 1-ви март.

Одлуката на највисокиот суд во земјава следи откако осомничениот за помагање при грабнувањето на Вања по трет пат се обиде да излезе од притвор и да се брани од слобода. Одбраната поднесе жалба до Врховниот суд, откако Кривичниот и Апелацискиот суд одбија да го укинат продолжувањето на притворот.

Адвокатот е загрижен за психичката состојба на Ѓорчевски, и за неговата безбедност во затворот Скопје во Шутка каде тврди дека веќе бил нападнат.

Осомничениот за грабнување на својата ќерка вели дека чека само случајот конечно да добие разрешница, а потоа тој ќе одлучи дали ќе остане на овој свет или ќе и се придружи на Вања.

Во притвор остануваат осомничените Манев, Кешишов и Видевски. Сè уште се чека екстрадицијата на Љупчо Палевски од Турција првоосомничениот за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.

 

Марина Стојанова Тонева