Над 45 жртви во напад на екстремисти во Кенија

16.06.2014 16:55

Нападот се случил додека локалните жители следеле натпревар од Светското фудбалско првенство...

Повеќе од 45 лица се убиени во кенискиот град Мпекетони во напад на терористи, веројатно припадници на групата Шебаб. Нападнати се повеќе хотели и полициска станица. Терористите влегле во градот, нападнале припадници на полицијата и пукале во случајни минувачи. Се стравува дека бројот на загинати не е конечен. 

„До сега успеавме да собереме 30 тела од улиците и тие се однесени во локалната мртовечница, но се уште има тела коишто лежат на патот до Кибаони и коишто не се идентификувани. Исто така не се знае ниту бројот на загинати во хотелите што беа запалени“, изјави Ерик Муго, заменик гувернер на областа Ламу, Кенија.

Нападот се случил додека локалните жители следеле натпревар од Светското фудбалско првенство. 

„Биле околу 50-ина и дошле во две комбиња коишто подоцна, како што разбравме, ги запалиле. Претпоставуваме дека избегале во шумата“, додаде Муго.

Престрелката траела до раните утрински часови, и во моментот состојбата е мирна. Припадниците на терористичката група Шебаб, поврзана со Ал Каеда се закануваа дека ќе се одмаздат уште од 2010 година кога Кенија испрати војска во Сомалија којашто и се придружи на Африканската унија во бробата против исламистите. Најтешкиот напад на Шебаб се случи во 2013 година, во трговски центар во Најроби при што загинаа 67 лица.

 

 

Марина Автовска