Уставниот суд утре прославува 60 години од постоењето со Mеѓународна конференција
Во рамки на Конференцијата ќе се обратат 18 говорници, меѓу нив, претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска, судијата во ЕСЧП, Јован Илиевски, Рената Дескоска-член на Венецијанска комисија, амбасадорот на ОБСЕ, Килијан Вал, 14 претседатели, судии и експерти од европскиот регион...

По повод 60 години од основањето, Уставниот суд на Република Северна Македонија ќе биде домаќин на Меѓународна конференција која утре ќе се одржи во Собранието. Тема на конференцијата ќе биде „Уставно-судска заштита на слободата на мислата и слободата на јавно изразување на мислата“. Оваа конференција претставува можност и форум за презентација и дискусија на искуствата, методите и доктрините на темата на Конференцијата да се обратат претставници на уставните судови и меѓународните институции.
Во рамки на Конференцијата ќе се обратат 18 говорници, меѓу нив, претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска, судијата во ЕСЧП, Јован Илиевски, Рената Дескоска-член на Венецијанска комисија, амбасадорот на ОБСЕ, Килијан Вал, 14 претседатели, судии и експерти од европскиот регион. На конференцијата свое воведно обраќање ќе дадат: претседателот на Републиката, Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Јован Митрески, претседателот на Владата, Талат Џафери, министерот за правда Кренар Лога, амбасадорката на САД, Анџела П. Агелер, амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер и заменик шеф на ЕУ Бен Нупнау, Мирјана Лазаревска Трајковска, врховен судија и поранешен судија во ЕСЧП и други.
Настанот се организира со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и му претходеше склучување на Меморандум за разбирање.
