Со „Земи бројче“ ќе се намали метежот во поскапката за вадење лични документи
По примерот со патните исправи, МВР подготвува систем за проверка на готови лични карти во Скопје. Но кога ќе почне да функционира сè уште е непознато. Во Куманово од денеска се применува системот „Земи бројче“, чија цел е да се олесни пристапот на граѓаните и да се намалат турканиците. Граѓаните утринава задоволни од услугите ...

Системот „Земи бројче“ од денеска започна да функционира во одделението за управни служби во Куманово. Целта на Министерството за внатрешни работи, е да се олесни постапката со вадењето патни исправи, да се намали метежот пред станицата.
Интересот за вадење нови патни исправи во Куманово е прилично голем. На дневно ниво во управата поминуваат и до петстотини граѓани.
Но утринава без позначаен метеж. Граѓаните засега задоволни од системот, услугите ги добиле бргу.
„Уште од јануари, се е завршено но ми велат дојди во понеделник, дојди во друг понеделник“, вели еден кумановец.
„Сега е многу подобро има некој ред и за службениците добро и за нас, сега ги предадовме документите“, дополни друг.
„Два месеци чекав од 30-ти јануари, сега моментално нема, инаку има метеж“, истакна повозрасен кумановец.
„Навреме со брз постапка, за десет дена го зедов“, нагласи трет.
Доколку системот „Земи бројче“ даде резултати, ќе се примени и во одделенијата во останатите градови низ државата.
„Системот прво ги препознава граѓаните кои се со телефонски или електронски со закажан термин, а по нив ќе бидат граѓаните кои ќе закажуваат на самото место и ќе земат бројче“, истакна Стефан Андоновски, дополнителен заменик-министер за информатичко општество и администрација.
МВР во соработка со МИОА, подготвува и систем за проверка на готовите лични карти во Скопје, како и испраќање на СМС пораки, како што е случајот со патните исправи. Но министерот нагласи и дека сè уште е голем бројот на луѓе кои закажуваат термини за нови документи.
„Бројката на термини на луѓе кои ќе треба да пристапат а ги имаме закажано од веб страницата е околу 300.000. Кога станува збор за таква бројка на термини малку реално е тешко да се справиме со најправичен начин но даваме сè што можеме“, истакна техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тој не прецизираше кога ќе започне да се имплементира системот за проверка на готовите лични карти во Скопје.
Елена Георгиевска
