По смртта на патријархот Неофит, избор на негов наследник во следните четири месеци
На 79-годишна возраст почина бугарскиот патријарх Неофит. Спуштени знамиња над Светиот Синод и патријаршиската црква. Неговиот наследник треба да се избере во следните четири месеци, соопштија црковните власти…

Над Светиот Синод и патријаршиската црква „Свети Александар Невски“ спуштени знамињата на жалост. По долго боледување, на 79-годишна возраст почина бугарскиот патријарх Неофит.
„Ги повикуваме православните христијани да ја упатат својата искрена молитва, заедно со Светата православна црква, до Семоќниот Бог да ја упокои душата на нашиот драг Патријарх во царството Божјо“, се вели во соопштението на Патријаршијата.
Првиот избран поглавар на Православната црква во посткомунистичката Бугарија знаеше да рече.
„Господ Исус Христос не поттикнувал насилство. Господе, дај сите да бидат под заштита на Бога и Богородица, за да има мир и напредок во светот“, велел бугарски патријарх, Неофит.
Митрополитот силистренски, Јаков, истакна дека патријархот Неофит е учител на верата.
„Ова е човек кој целиот свој живот го даде во служба на Бога и луѓето, кој беше наш учител и лично мој учител, не само по книга, туку и учител во верата, во доблестите, пример за сите луѓе“, рече митрополитот силистренски, Јаков.
Патријархот Неофит беше хоспитализиран четири месеци поради белодробни заболувања. Почина во болница во Софија. Беше водач на црквата 11 години, наследувајќи го неговиот претходник Максим, кој беше на чело на доминантната Бугарска православна црква за време на турбулентниот транзициски период од комунизмот во демократијата. Светиот Синод од 15 високи свештеници ќе избере привремен патријарх, потоа поголемиот црковен совет ќе го избере наследникот на патријархот Неофит. Изборот треба да се случи во наредните четири месеци, соопштија црковните власти.
Бојана Крстевски
