Русија-Украина

Засилува размената на оган меѓу Киев и Москва во пресрет на изборите

14.03.2024 12:47

Од утре до 17-ти март во Русија, но и во Донбас и на Крим се спроведуваат избори за претседател на Руската федерација. Наредниот мандат најверојатно повторно ќе го добие претседателот Путин кој повика на патриотизам. Украина и натаму оскудува со муниција, Зеленски укажа на напредокот кон членството во Европската унија. Земјите на континентов ја враќаат редовната регрутација, во Данска тоа ќе им биде овозможено и на жените...

Во пресрет на претседателските избори во Русија, засилена размена на огнот во Украина и во градовите од двете страни на границата. Киев со дронови повторно во Белгород и во Херсон, Москва стрела и од земја и од воздух во соседството на Донбас и Крим. Путин, кој по најверојатниот нов претседателски мандат ќе владее со федерацијата вкупно две децении, ги повика граѓаните да го искажат патриотизмот.

„Да се учествува во изборите е чин на патриотизам. Ова е добро разбрано од жителите на Донбас и на Крим кои веќе гласаа за обединување со Русија. И нашите војници на фронтот ќе гласаат. Гласајте во наредните три дена потврдување на унитарноста“, изјави Владимир Путин, претседател на Руската федерација.

Во молдавското министерство за надворешни претходно беше повикан на разговор рускиот амбасадор поради намерата на Москва да отвори шест гласачки места во областа Транснистрија, или според русите Придњестровје, кадешто се инсталирани 150 илјади руски војници. Состојбата во Украина е драматична, Киев оскудува со муниција. Затоа надворешно политичкиот успех е поважен за украинскиот претседател.

„Европската унија ја финализираше преговарачката рамка со Украина. Ја очекуваме набрзо потврдната одлука на европските лидери. Следниот чекор е полноправното членство, важен заеднички чекор и за нас и за унијата“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Шефот на европската надворешна политика, по средбата со американскиот државен секретар во Стејт департментот смета дека и Брисел и Вашингтон мораат да направат повеќе за Украина.

„Светот станува се потемен и се потемен. Украина е нашиот најблизок свет за нас, Европејците и за нашата безбедност. Рускиот агресор нема да запре. Ние мораме да го запреме. Сепак мораме заедно и повеќе да и помогнеме на Украина во предизвикувачките времиња“, изјави Жозеп Борел, шеф на европската надворешна и безбедносна политика.

Црните прогнози за европската безбедност поради агресијата во Украина, натрупувањето на војската од двете страни на европската и на руската граница, ја враќа редовната регрутација на војската и во Европа. Во Данска таа ќе се однесува и на жените.

„Ова е целосна родова еднаквост. Досега само мажите служеа редовно во војската. Но сега се различни и условите. Добиваме помодерна армија“, изјави Мете Фредериксен премиер на Данска.

Поради безбедносните предизвици, полскиот претседател Анджеј Дуда побара зголемување на националните учества на земјите-членки на НАТО во одбраната од 2 на три насто од бруто општествениот производ.

 

 

Зоран Богатинов