Трансплантацијата единствена надеж за пациентите кои одат на дијализа
Три дена во неделата по четири часа Даница е поврзана на апаратите за дијализа – вака живее речиси 13 години. Трансплантацијата е единствениот надеж за овие пациенти, околу 150 кои одат на дијализа чекаат да добијат бубрег од починат донор ...

Три дена во неделата по четири часа Даница е поврзана на апаратите за дијализа – вака живее речиси 13 години. Овој начин на живот вели е тежок, целосно се менуваат навиките. Болеста и е наследна, се надева дека ќе и биде пресаден бубрег. Сроден дарител нема, на листата за трансплантација е осум години.
„Татко ми е починат пациент, тој 13 години одеше на дијализа. Со мајка ми не сме компатибилни, не може да ми подари бубрег. Се надевам дека од кадавер еден ден ќе бидам трансплантирана“, изјави Даница Стојкова – пациент на дијализа.
Трансплантацијата е единствениот надеж за овие пациенти, околу 150 кои одат на дијализа чекаат да добијат бубрег од починат донор. Од Здружението за бубрежно болни „Нефрон“ со сигурност тврдат дека листата е подолга. На неа не се додаваат нови пациенти, бидејќи кадаверичната трансплантација во земјава не е доволно заживеана.
„Во отсуство на континуирана и зголемена кадаверична трансплантација таа листа не се збогатува затоа што треба да се прават типизации и испитувања кои чинат пари, а имаме многу мал број на кадаверични трансплантации или имаме години кога воопшто немаме“, изјави Душко Ѓоргиевски – претседател на здружението „Нефрон“.
Во земјава околу 200 илјади граѓани живеат со одредено бубрежно заболување. Од нив 1.540 граѓани одат на дијализа. Пациентите бараат на позитивната листа да се стават нови лекови, бидејќи таа не е обновена повеќе од 10 години. Најчеста причина за појава на бубрежните болести се зголемениот крвен притисок и дијабетесот.
„Тоа што загрижува е порастот на вкупниот број на пациенти кои се со одредено бубрежно заболување, особено на бројот на пациенти кои бараат одредена замастителна бубрежна терапија, особено пораст на пациентите на хемодијализа“, изјави д-р Ирена Бушлетиќ – директор на клиниката за Нефрологија.
Најмалиот пациент во земјава кој оди на дијализа има само четири години, а најстариот 92 години.
Андријана Ѓурческа
