Ќе се рефлектираат ли демографските податоци врз изборните резултати?
Со наближување на изборите се зголемуваат партиските ветувања за подобрување на сите сфери, вклучително и вработувањата. Една третина од населението во земјава е вработено. Колку граѓаните очекуваат овие нивни понуди да станат реалност?

Една третина од населението во земјава е вработено, покажа извештајот на Заводот за статистика за пазарот на трудот во последниот квартал на минатата 2023-та година. Од вкупно 1.515.627 лица кои се во категоријата работоспособно население од 15 до 89 години, вработени се над 687.000 лица.
Од 45-те проценти невработени, пак, повеќе од половина се млади од 15 до 29 години. Со наближување на изборите се зголемуваат партиските ветувања за подобрување на сите сфери, вклучително и вработувањата. Но, колку граѓаните очекуваат овие нивни понуди да станат реалност?
„Кој и да дојде ако направи нешто добро за овој народ, ќе биде добро. Верувам дека граѓаните веќе не веруваат во никого.“
„Мислам дека треба да дојдат некои нови, непознати кадри кои се некорумпирани.“
„Очекувам државата да почне да функционира како што треба.“
„Нема каде да работат, а за таа плата, за минималец никој не сака да работи, затоа и младите се иселуваат.“
„Во странство е секако поскапо да се живее отколку тука. Така што ако работите за странска компанија, а тука живеете не е лошо“-велат граѓаните кои ги анкетиравме.
Дека приватниот сектор е најнадежниот, покажуваат и податоците на статистика според кои дури близу 141.000 се вработени токму во него. Додека партиите се обвинуваат меѓусебно кој е поодговорен за заминувањето на младите од земјата, како да забораваат на оние кои решиле да не ја напуштаат и од кои ќе зависи во голема мерка кој од нив ќе ја добие довербата.
Државната изборна комисија не објавува податоци за бројката на лица со право на глас од 18 години до 64, велат оттаму.
„Комисијата има податоци врз основа на поделбата на гласачкото тело на жени и мажи. Друга поделба во моментот нема, вклучително и во однос на бројот на лицата со навршени 18 до 89 години“, велат од ДИК.
Ќе се рефлектираат ли демографските податоци за вработените во земјава на изборните резултати или пак партиската понуда, ќе решат граѓаните.
Фиљана Кока
