Таравари со заеднички листи, Села самостојно на претстојните избори
Таборот на Таравари од Алијансата за Албанците со заеднички пратенички листи, тој на Села пак, ќе настапи самостојно ако Централното претседателство не донесе друга одлука месецов. И двете крила речиси еден месец го чекаат судскиот епилог на кога ќе му припадне партијата...

Последната одлука на Алијансата за Албанците да настапи сама на парламентарните избори таборот на Зијадин Села ќе ја почитува, сè додека централното претседателство не донесе нова.
Партиски извори велат дека се очекува до крајот на месецов, кога и завршува рокот за поднесување на листи на пратеници, претседателството да одржи седница.
„На таа седница која ќе треба да се одржи ќе се донесе конечна одлука дали ќе настапи сами, а ќе се утврдат и пратенички листи од нашата партија“, информираа од таборот на Зијадин Села.
Од крилото на Таравари пред три недели до Основниот суд Тетово доставија нотарски изјави на членови на Централното собрание, како и потврда дека не биле на состанокот свикан од Села. Со тоа, велат дека судски ќе докажат дека Собранието на кое се повикува Села немало двотретинско мнозинство да закаже конгрес и да го разреши Таравари.
Од таборот на Села, пак, велат дека материјалите од конгресот исто се испратени во тетовскиот суд, кој треба да одлучи кој ќе ја добие партијата.
Поделбата во партијата, започна откако Таравари објави дека на изборите ќе настапи заедно со опозиционите партии на Албанците. Ваквиот став наиде на остра критика на Села кој рече дека одлуките треба да се носат и објавуваат на партиски седници, а не на социјалните мрежи.
Се редеа средби, вонредни конгреси како и многу меѓусебни обвинувања.
Зоран Димовски
