Најсигурно е осигуреното!

16.06.2014 17:33

Најсигурно е осигуреното- ова се потврди и кај земјоделците од општина Долнени кои во невремето пред два дена го изгубија речиси целокупниот род. Тутунот е уништен од 80 до 100 насто, а житата до 50 проценти. Земјоделците велат-ова ќе не натера да го осигураме родот...

Комисијата за елементарни непогоди од Општина Долнени започна со проценка на штетите од катастрофалното невреме кое пред 2 дена го зафати овој регион. Според првичните проценки уништени се неколку стотини хектари засадени со тутун и пченица.

„Таму каде што зафатило невремето, во зависност од неговиот развој, тутунот е уништен од 80 до 100 проценти, а додека штетите кај житото се движат помеѓу 40 и 50 проценти“, вели Сатки Мифтароски, член на Комисијата за проценка на штета.

Експертите велат дека овие катастрофи кои се се почести поради климатските промени се доказ дека земјоделците конечно треба да го променат својот менталитет и да започнат со осигурување на родот. А особено поради тоа што 60 проценти од осигурувањето го покрива државата.

И тутунарите признаваат дека конечно треба да започнат со осигурување на родот.

„Секој избегнува да го осигура родот поради пари, но конечно ќе треба да го осигуруваме ова е доказ за тоа“, рече Стеван Момироски, жител на с. Браилово.

„Овие прилики полека ќе не натераат да започнеме со осигурување на родот и посериозно да си ја сфатиме работата“, смета Радован Јанкулоски, жител на с. Браилово.

Парите кои еден тутунар треба да ги даде за осигурување се минимални во споредба со добивката.

„Од еден хектар се добиваат 2.000 килограми на тутун. Од тоа пак се земаат само субвенции 2.000 евра плус парите од продажбата. Осигурувањето на еден хектар е само 200 евра, од кои 120 евра покрива државата, а земјоделцот плаќа само 80 евра за еден хектар. Со тоа тутунарите ќе имаат посигурен и помирен сон“, изјави Боше Милошески, градоначалник на Општина Долнени.

Извештаите со штетите ќе бидат испратени до Владата која треба да одлучи за понатамошното обештетување.

 

Дарко Штаргоски